од Гледач на пепелта

Ацо Шопов

Грозомор

Тука се раѓаат сами и гаснат сите нешта.
Огромен камен. Лузна. Нејасен немушт збор.
Пролетта му е мајка и маќеа зла и вешта.
Пепел на сонот, сон на пепелта. Грoзомор.

Го пијат суши, дождови црни го цедат,
ден со ноќ го трупа, пласт со пласт,
а врз неговата кора во ’рбетник се редат
закостенети сенки од диво месо и страст.

Тука ветришта пиштат и темни сеништа вијат,
тука е првиот злочин и грев и казна и прекор.
Тука и човек и ѕвер во едно дувло спијат
и детето го оди својот незаоден чекор.

Врз него расне лебот од горчлив длабок корен,
па затоа е сув, и сладок, и пече како пламен.
Песно, ако те допре некој испосник морен
прими го да ти биде во горењето рамен.

О ружо в грло, о змијогрозд в усни,
див апеж во крвта со себе што спори,
о земјо на отрови смртоносно вкусни,
каменот во пламен се тркала. Гори. Гори. Гори.

Тука се раѓаат сите нешта и тука гаснат сами.
Огромен камен. Лузна. Нејасен немушт збор.
Пролетта му е мајка и мaќea што мами,
пепел на сонот, сон на пепелта. Грозомор.

 

Тажачка од онаа страна на животот

Се искачив над врвот од болот.
Човек сум. А што е човек?
Пред мене празнина, зад мене празнина.
Празнина што сама се пали.

Од онаа страна на животот,
жив распнат со слепи јазли.
Се искачив над врвот од болот.
Тој ден. Црнден. По црни скали.

Се искачив над врвот од болот.
Од онаа страна на животот
од онаа страна на себе си,
на сè неизговорено,
сè што е недогорено,
од онаа страна на водата,
од онаа страна на врутокот,
од онаа стрaна на коренот.

Стопи се грутко, истечи водо,
прелеј се чашо лелејска
за сите градови во овој град,
за сите црнини во оваа црнина.
Кажете кого да обвинувам.
Кого да жалам, кажете!
О дете што те нема —
мојата црнина твоја прегрнина.

Мојата црнина твоја прегрнина,
твојата темнина моја подземнина.
Земјо олелио, земјо пустелио,
од мртов плач израсната
земјо обѕрни се, земјо разгрни се.

Земи ја оваа зеница
земи ја оваа пшеница
на твоја дланка згасната.

Земи ме, земјо, или врати ме,
врати ме подолу од овој врв,
подолу од онаа страна на животот,
човечки сили дај ми пак.
О земјо, на земја врати ме.
Човек сум, човек да страдам,
да најдам камен жив да се вградам
на некој мост во некој лак.

 

Aко ти недостасува светлина

Ако ти недостасува светлина
земај ме.
Ноќ да сум ноќ ќе изгорам
ќе те разденам.

Ако и љубов ти недостасува
земај ме.
Црнките на ноќта ќе ги ископам
ѕвезда да се огледаш, да огрееш.

Ако ти недостасува омраза
и тогаш земај ме.
Пекол ми вие под срце
пекол вековиште.

Ако ти недостасува светлина
земај ме.

Ако пак јас ти недостасувам
што сум ти!
Без да те гледам во недоглед
без да изгорам.

 

Август

Лежам под стеблото на ноќта, во август што умира и пее
со цвет од пепел на згасната гроза.
Од челото како од црница набабрува и ми зрее
од гроздови ѕвездената лоза.

Лежам во ноќта на август за земја прикован со теме.
Дали ќе додржат, дали ќе ме запрат
овие неуморни воини од билје и семе,
од треви, корени и папрат.

Лежи и чекај тука. Неподвижен, карпосан лежи,
што ако ноќта те пие, што ако ветар те шиба.
Рибарите на твојот поглед плетат невидливи мрежи,
во бездната на твоето чекање сонува златна риба.

Лежам и знам, август е и сè се мени.
Златните зрна на гроздот ко едри зеници гаснат.
Темното полноќно сонце патува кон својот зенит.
А јас останувам заробен во треви и со папрат сраснат.