ЕДИНСТВЕН МАТИЧЕН БРОЈ
Лидија Димковска
Пустелијата еднаш годишно, на три дена, ги отвора своите порти за оние кои сакаат да ја фатат, ама се колебаат не знаејќи што точно значи тоа во реалноста. За тие три дена поминати во пустелијата, потпишуваат документ во кој е подвлечено дека за време на престојот во целост ќе ги почитуваат правилата на однесување. Во пустелијата не се споменува ништо од она што постои надвор од неа. Нагло се прекинува врската со сите оттаму, се влегува во тишината на пустелијата и во нејзините правила, како да си програмиран, како да имаш копче за вклучување и исклучување, па стапнувајќи во пустелијата го исклучуваш копчето на стариот живот и не го споменуваш ниту него ниту некого во него, сè до враќањето дома. Повеќето се враќаат, но некои остануваат.
И државата еднаш годишно, на три дена, ги отвора своите порти за оние кои сакаат да се преиспитаат себеси, да видат каде им е подобро, и слободно да се вратат во поранешниот живот ако пустелијата не ги исполнува нивните очекувања или им е веќе прекуглава од неа. Никој не се враќа.
*
Лани на 27 април, во 13 часот, престана да чука срцето на татко ми. Оваа година на истиот ден, во 13 часот, лежев на креветот во козметичкиот салон „Меџик“ во Бристол за кралска 60-минутна нега против акни на лицето. Кога пред два месеца закажував на козметичар и девојката ме праша кој датум ми одговара, како од пушка исфрлив: „Дваесет и седми април, ако може“. „Дваесет и седми април во 13 часот, само тој термин ни е слободен“, рече и додаде: „Бидете точна, во понеделник работиме само до 14 часот“. Си повторував во себе „27 април во 13 часот, 27 април во 13 часот...“ истовремено свесна дека датумот ми е од некаде познат, со нешто поврзан, но со што и со кого освен со тоа што на 27 секој месец ги плаќам станарината и сметките за станот? И сега лежев во козметичкиот салон и козметичарката, една млада девојка без ниту една брчка на лицето, се подготвуваше да ми ја негува кожата разјадена од акни, со разни лосиони, пилинзи, кремови и апарати. На средината на сеансата, кога ми стави памукчиња со камилица врз очните капаци и го изгаси осветлението во собата во која тивко свиреше амбиентална музика, оставајќи ме сама со себе, со своите мисли и со маската од алое вера врз лицето, се сетив. Се сетив и се препотив од саклет и срам, наеднаш пред мене светнаа датумот и часот на смртта на татко ми како часовник со бројки и датум што трепка на комодата, ноќе кога се тетеравиш до тоалетот и црвената светлина ти ги заслепува зениците.
Чувствував како маската ми се впива во акните и во брчките што ми го прошараа челото во оваа година откако го нема. Точно цела година стареев, а не пуштив ни солза. Кога доаѓа времето на солзите? Предоцна? А предвреме се остарува кога ќе ти почине некој близок и тагата ќе ги издлаби подочниците, ќе го избразди челото. Така огрдев јас, нагло, како девојка, не како жена, со акни и со брчки, а не пуштив ни солза за татко ми, кој на истиот ден, во 13 часот, само една година порано, умирал на сличен кревет што се крева и спушта, во една друга соба со вклучена светилка, пропаднат, несвесен каде е и со кого, во претстмртна агонија. Во неа, му рекла сестрата на Стефан, ги споменувал фабриките во кои работеше, имињата на некои луѓе, некои чудни зборови, но зарем таа ќе води евиденција и ќе запишува? Мене козметичарката ми стави памукчиња врз очите, а нему сестрата од домот, Вероника, му ги затворила очите со својата рака.
Лежев и се обидував да не мислам на татко ми, на последните мигови од неговиот живот. Се обидував да мислам на моето истражување за комуните. Сето тоа време собирав материјали, документирав, анкетирав жители на комуни за да го развијам проектот и да ја најдам додадената вредност што Хелен ја очекуваше. Некои воопшто немаа Интернет, а останатите кои имаа мејл или беа отворени да ги споделат своите искуства, обично не одговараа. Некои претпочитаа да не ги издаваат тајните на заедничарењето, а други, кои беа напуштиле некоја комуна, имаа и најмногу да кажат. Најчесто им пукаше филмот на оние жители на кои им се смачува постојано да искажуваат љубов и разбирање кон останатите. Да, најголемата причина за напуштање на комуните беше човековото јас – колку може да не биде во својство на „јас“ за да може да се претопи во „ние“. Околу нас векот јуреше со силата на егото, до успехот се газеше преку трупови, личната слобода беше најважното нешто, отуѓеноста стануваше правило на живот. Комуните беа спротивност на сето она што светот повеќе не беше.
Затекната од датумот и часот на третманот, од сопствената свест за сопствената несвесност, ја замислив мајка ми како жителка на една таква комуна. Нејзиното присуство таму беше трагикомично. Ми дојде да се насмеам, а веднаш потоа очите ми се наполнија со солзи под памукчињата врз клепките. Си реков, комуната најверојатно би ја избркала, зашто според достапните информации, и тоа понекогаш се случува: кога некој ги крши правилата, заедницата прво му укажува, го опоменува, а на крај го казнува, но кога ни тоа нема да помогне, едноставно го брка. Во секоја заедница има понекој натрапник, по некое туѓо тело што заедницата како организам најчесто го исфрла, бидејќи натрапникот не знае да се соживее со нејзините интереси и отскокнувајќи од средината ја доведува во прашање самата филозофија на заедничарење. Мајка ми ќе беше натрапник во една таква комуна...
Во следниот миг речиси срипав од креветот сосе маската врз лицето и памукчињата ми паднаа од очите. Почнав да викам: „Госпоѓице! Госпоѓице!“, а во меѓувреме веќе се бришев, се триев со марамчињата што ги здогледав на пултот, ја отстранував маската и кога козметичарката бапна во собата и ја вклучи светилката избезумена од мојот вик и прашувајќи ме: „Да не сте алергична на алое вера? Требаше да ми кажете!“, јас само извикав: „Не, не, само избришете ме, ве молам, морам да одам!“
Трчав како луда до железничката. Го фатив брзиот воз за Лондон кој чинеше како авионски билет до Скопје, телефонирајќи ѝ на Хелен дека доаѓам, дека е итно, дека мора да разговараме. „И онака сум дома“, рече, „јави се кога ќе стигнеш.“ Излегов на станицата „Викторија“ и не знам како додржав во автобусот до Источен Лондон, што застана на споредната улица, како и обично. Јурнав по улицата и не бев ни свесна кога сум стигнала пред куќата на Хелен. Ги прескокнав скалите и се обесив на ѕвончето. Кога отвори и ме виде таква, вцрвенета во образите, задишана, исцрпена, Хелен се обиде да се пошегува: „Се надевам дека не трчаше од Бристол дотука“. Не слеговме долу, во Институтот, туку ме поведе кон дневната соба. „Мајка ми и татко ми се на работа, понеделник е турбо во Сити“, рече. Мигум ми светна: „Хелен е постара од мене и сè уште живее со родителите“, но немав време да мислам на тоа. Само што седнавме, издекламирав во еден здив: „Конечно најдов додадена вредност за проектот! Во истражувањето ќе ја вклучам и антикомуната, како пандан на комуната! Пустелијата на татко ми!“
Хелен ме погледна зачудено, а потоа стана и ми донесе чаша вода. „Како мислиш, драга Кетрин?“ „Спротивноста на комуната! Антикомуната! Сакам да кажам – пустелијата!“ повторував. Хелен сè уште збунето ме гледаше. И тогаш од мене изби рафал од зборови: „За разлика од комуната, во која сите влегле за да живеат заедно, ден и ноќ, во добро и зло, има луѓе кои сакаат да фатат пустелија, да живеат сами, одвоени од останатите, на кои им е подобро или мислат дека им е подобро во молкот, самотијата, некомуникацијата, сами со своето јас! Во комуната жителите пекаат по блискост, а во пустелијата бараат прибежиште во неблискоста! Пустелијата е заедница во која може да се живее сам, што понезависен од останатите, што посамостоен, што понедружељубив, што помолчалив. Или гласен, ама со самиот себе. Намерна заедница на отуѓени поединци! Тотална спротивност од комуните! Тотална!“ Се извадив и сама од памет од споредбата меѓу комуната и пустелијата како два радикални пандана што ми светнаа во умот додека лежев во козметичкиот салон. А уште повеќе од тоа што татко ми сакаше да фати пустелија, а не комуна, свесно сакаше да се отуѓи, а не да се зближи. Па ние веќе живеевме во пустелија, како тоа не му беше јасно?
Хелен почна да се смее и ме прекина со рака закашлувајќи се: „Молам? Па ова е лудо! Каква е оваа идеја? Се откачи?“ Одеше нагоре-надолу низ дневната, а јас стоев во место и чекав што ќе каже. Најпосле се созеде, повторно седна и ме погледна. „Па нашиот свет и оди во таа насока, нели? Можеби не толку таму, кај тебе, но овде дефинитивно. Ама сепак, да се има и институционализирана форма на таква антикомуна, или како што ти ја нарекуваш – пустелија, иако гледаш дека на англиски зборот звучи чудно – тоа е навистина алтернативен начин на живот! Антикомуна наспроти комуна! Компаративна анализа помеѓу концептот на комуните, присутни во светот повеќе од пола век, и концептот на една ваква антикомуна, комуна на отуѓени луѓе. Па ова е одлично, уникатно! Да се споредува нешто што веќе постои, а е утопија, со нешто што сè уште не постои во институционализирана рамка, и е дистопија! Наликува на Орвел, Хаксли, Атвуд, не знам дали си ги читала“. Кога го рече тоа отрпнав, пред мене се одврте времето на мојата опсесија или, поточно, терапија со нив додека го преболував Бранко, и само кимнав. „Ама сепак е некако различно“, продолжи таа. „Кај нив се работи за модус вивенди диктиран од некого, а колку што сфаќам, во твојата антикомуна луѓето одат доброволно? Одвај чекаат да одат?“ „Да“, реков, „во мојата пустелија живеат оние луѓе кои мечтаеле да ја фатат за да се спасат од нешто, од некого, а сигурно и од себеси. Доброволно одат во неа.“ „Лудило!“ повторуваше и се смееше. „Ова е лудило, Кетрин!“ „Знаеш ли кое е мотото на една таква антикомуна? Човек да фати пустелија!“ ѝ реков. Звучеше како виц, а беше чиста вистина.
„Одам!“ реков и тргнав исто толку наврапито кон вратата колку што влегов. „Наскоро ќе ти го пратам текстот!“
Попладнињата на целата таа недела ги поминав во пижами пишувајќи за пустелијата на татко ми. Ја ставив во фуснота, за да биде појасно дека се работи за антикомуна со специфичен и симболичен израз, тежок за англискиот јазик – пустелија. Ми се враќаа во умот сите мои размислувања за пустелијата на татко ми и само ги внесував во компјутерот, не требаше да ги измислувам, со мене беа сите тие години на себебарање без себепронаоѓање. Секојдневно, после работа, трчав дома и пишував, пишував. Студијата веќе го содржеше првиот дел, за комуните, но вториот дел се полнеше побрзо од првиот, за кој ми беше потребна речиси цела година. А полесно беше да се сумира филозофијата на комуните, тоа веќе го имаа направено многумина истражувачи, професори, теоретичари, новинари, социолози и антрополози. Едно од главните прашања што си го поставуваа сите беше зошто комуните пропаѓаат. А јас, пишувајќи за пустелијата, се прашував – дали и мојата антикомуна по некое време би пропаднала? Ми доаѓаа контрадикторни одговори: да, не, можеби. Напати помислував дека една таква антикомуна сигурно брзо би пропаднала, зашто човекот е социјално битие и многу брзо ќе сфати дека не може да живее во една таква отуѓеност, во атмосфера на изолација и самотија, без социјални односи со останатите, без споделување, без негување врски, роднински, партнерски, родителски, сексуални, какви било. Или не е така? Напати бев сигурна дека мојата антикомуна не само што нема да пропадне туку и ќе се развива и усовршува, до невидени размери. Па нели и Хелен рече дека светот е тргнат во таа насока, на отуѓување и дистанцирање, на неводење грижа за другиот, на егоцентризам? Споредував, заклучував, бришев, повторно запишував. Ги наведов и правилата за отворање комуни што во последно време дури и се продаваа како упатства од разни стручњаци и познавачи на проблематиката, а можеа да се применат – секако, на обратен начин – и при фиктивното отворање антикомуна. Некои посочуваа седум, некои девет, а некои и повеќе правила, но главно, сите беа слични: најди десетина потенцијални членови, најдобро блиски пријатели со слични интереси како твоите, кои го исполнуваат твоето очекување во однос на идентитетот на комуната; здобиј ја довербата на членовите за тоа каков вид комуна сакаш да отвориш; запознај ги меѓу себе ако не се познаваат; вреднувај ги според сè што можат да понудат, според карактерот, личноста, интересите, причините за живот во намерна заедница, дали се подготвени сè да делат со други; дозволи им и сами да поканат понекој нов член кому му веруваат; на сите дај им пробен период за да видиш дали се навистина родени за да живеат во таква заедница. Секој за сите, сите за секого. Уште поважно беше оној кој ја основа комуната да е свесен во што и зошто се впушта, зашто ризиците се преголеми, а жив човек е ризик, па сè треба да биде запишано, потврдено, потпишано, да се знае точно кој што ќе прави во комуната, од најмали детали до најголеми идеолошки сфаќања, од психолошки тестови до економски средства и колективна работа. Забележувајќи ги на компјутерот, веднаш ги менував во нивната спротивност и ги применував врз антикомуната, врз пустелијата на татко ми што толкупати ја замислував, измислував, оправдував, па на крај ги прикачив и сите размислувања за неа кои беа непобитен доказ дека една таква пустелија може да постои: појди сам во пустелијата за да ја фатиш; не обѕирај се на останатите членови за тоа каков живот водат, гледај си за себе; не запознавај се и не воспоставувај контакти со никого; не вреднувај никого за ништо и немој да делиш ништо со никого, ни материјално, ни психички, ни духовно или што било; не кани познати и блиски од кои повторно ќе посакаш да фатиш пустелија; штом си сакал да ја фатиш пустелијата, значи дека не можеш поинаку да живееш, затоа живеј во неа. Секој за себе, никој за никого.
Токму правилата најмногу ја воодушевија Хелен. Кога по некое време ѝ го пратив конечниот реферат и таа го прочитала, во еуфоријата што ја зафатила ѝ го дала на мајка си, пред да излезе со некое момче што го запознала на чет. Мајка ѝ веднаш го зачитала, била љубопитна што сум напишала сега, студијата за Кипар ја беше воодушевила. Ја фатила смеа и почнала да чита наглас. И потоа со маж ѝ го дочитале рефератот и во еуфоријата ѝ се јавиле на Хелен, каде и да е, веднаш да си дојде. Ми рече по телефон: „Да знаеш дека ти си виновна што не отидов да се сексам со Пол, ама добро, ќе ти простам!“ Дома мајка ѝ веднаш ја прашала дали е свесна каков реферат сум напишала, и дали јас сум свесна за она што сум го направила. Татко ѝ рекол дека, откако го дочитале, само се погледнале и двајцата рекле дека ова е невидена идеја. Дека ваков стартап е нешто уникатно, дека не смее да остане само на хартија.
Се збунив. Каков стартап, Хелен, за што зборуваш? Пустелијата на татко ми не ја имав споделено никогаш со никого. За неа не знаеше ниту еден жив човек на планетата, дури ни Хасан, со сите негови идеи за спас на светот. Всушност, на Хасан идеал можеа да му бидат комуните, а не антикомуните. Не пустелијата на татко ми. Хелен извика: „Да, Кетрин, моите не можат да си дојдат на себе од твојата пустелија! Сметаат дека си напишала одличен стартап проект! Проект што треба да се реализира!“ „Им благодарам“, реков, „ама не пишував проект за стартап, туку реферат.“ „Тоа нема врска“, рече, „татко ми смета дека твојот проект треба и практично да се реализира. Додадената вредност му е непроценлива! Сфаќаш?“ „Како мислиш?“ прашав. Хелен еуфорично почна да смее: „Кетрин, татко ми вели дека Сити Лондон може да го финансира твојот стартап! За отворање антикомуна! Пустелија, како што ја викаш! Прва во светот! Мајка ми може да го адаптира рефератот во конкретен проект за стартап, финансиерите немаат време за читање реферати. Лудило, еј! Па ова е просто неверојатно!“ Требаше да ја потсетам дека антикомуната е фиктивна тема на истражувањето, дека е само концепт, ништо повеќе. И да не признаам дека беше безбедното место и прибежиште за моето битие, и тоа со години, не само сега и овде, не заради целите на проектот и уште помалку заради фунтите на Сити Лондон. Пустелијата за мене постоеше како и вистинскиот свет, но можев да ја видам само јас, никој друг. Како парчето торта на Софче, и моето парче торта беше веќе изедено, од страна на вистинскиот свет, и само јас го гледав она што никој друг не го гледаше. На некој начин, со Софче бевме на исто. Софче прозборе со мене, а јас со рефератот. „Од фикција во реалност, Кетрин!“ викаше Хелен.
Никогаш ја немав видено Хелен толку егзалтирана. „Татко ми и мајка ми те чекаат на состанок во Сити“, рече, „утре во 9 часот!“ „Не можам, Хелен, на работа сум, нема да ме пушти директорката“, се обидов да се извлечам. „Ама ти сфаќаш ли дека работата во некоеси биро за статистика во некојси Бристол веќе нема да ти биде потребна?! Знаеш ли ти колку пари вреди стартап на еден ваков проект?!“ врескаше на телефонот. Зарем пустелијата што сакаше да ја фати татко ми?
Во 21 век она што ти се чини научен проект лесно може да се сфати како стартап, лесно може да дојде до недоразбирање. Да не го прочитаа родителите на Хелен, ќе си ги истражував компартивно комуната и антикомуната, како феномени, како филозофии на живот, а на состаноците во Институтот ќе се смеевме со Хелен од невидените можности што ги отвораше една таква анализа, можности за досетки, луцидни прашања и откачени одговори. Колку ќе ми беше забавно, всушност, да ги споредувам двата начина на живот. Пустелијата на татко ми на крај ќе се претвореше во фолклорна референца, толку локална, македонска, што можеше да биде универзална.
Ама во можноста да се сфати пустелијата како излез од безизлезот, родителите на Хелен најдоа пазарна подлога. Само прашање на одлука беше каде да се отвори антикомуната, кое место да се претвори во пустелија. Татко ѝ на Хелен рече дека најмногу пари би се добиле за стартап токму во Македонија. „Не е во Европска Унија, сиромашна е, со висока стапка на емиграција, а добив и експертско мислење дека освен во главниот град, останатите градови и села во вашата земја се речиси празни. Затоа е најдобро да се избере што попразен град, за да нема присилни селења и судски битки за оние кои не би го прифатиле новиот начин на живот. Секако, ние сме подготвени за сето ова да разговараме со владата во вашата земја. А парите се веќе одобрени. Прашање е само дали ќе има кандидати кои би се преселиле во антикомуната. Оваа антикомуна ќе биде експеримент, за да знаеме за понатаму за во други земји.“
*
И Вароша е пустелија. Иронично, нели? Никос Аврам сака да фати пустелија, а тоа најдобро може да го направи токму во Вароша, во своето родно место, онаму од каде што избегал за да фати пустелија од воената инвазија или од недоразбирањето со семејството. Пустелијата по која копнее, или му се чини нужна, не ја нашол во Скопје, со новооствареното семејство, туку сака да фати друга пустелија, пустелија заради пустелијата што веќе ја има. А Вароша и онака е пуста, попуста не може да биде. Може да ја отворат повторно, како во 2003 година, ама овој пат засекогаш, за да се живее во неа, и бидејќи ќе биде тешко да се седи во сите оние запуштени и пропаднати домови, ќе стане пустелија пар екселанс. Една таква пустелија е прилично политички некоректна, ама не и коректно неполитичка. Само што сè уште нема официјална дозвола да се живее во неа.
*
Кандидати што во Македонија сакаат да фатат пустелија има и премногу, си помислив, но претпазливо реков: „Па некој сигурно ќе се пријави“. На мајка ѝ на Хелен ѝ беше жал што пустелијата ќе биде во Македонија. „На Велика Британија баш ѝ треба една таква пустелија“, рече. „Ама и тоа наскоро ќе биде, сигурно! Ќе можеш да ја продаваш лиценцата за антикомуна насекаде во светот! За нас со попуст, важи?“ И се насмеа.
А која влада не би прифатила пари од Сити Лондон? Македонската беше прва кога се даваа туѓи средства, само што никој не знаеше каде завршуваат. Инвестициите беа мисловна именка, а политичарите возеа автомобили како милионерите од Сити Лондон. Наскоро на македонскиот број во Бристол ми заѕвони непознат телефонски број. Ме извади од памет, никој повеќе не ми ѕвонеше на македонскиот број. Којзнае дали сè уште имав и кредит. Не кренав, само напишав порака: „Не сум во Скопје, јавете ми се на англискиот број, тој и тој“. Веднаш заѕвони.
Лично премиерот. Сакаше да знае дали, како идеен татко на антикомуната, и се насмеа: „ова, мислев, мајка“, имам некој предлог каде да биде пустелијата? И дали добро сфатил дека тоа треба да биде што попразно место, со што полоша инфраструктура, за да се почне од нула. Му реков: „Знаете и самиот дека во Македонија има многу такви места“. „Да“, рече, „претходните сè запустија, ја уништија државата! Во ништо не инвестираа, само крадеа, ги избркаа младите. Ама ние ќе ја доведеме земјата во ред. Еве, и со ваша помош, на земјава ѝ се потребни луѓе како вас.“ Да, си реков, ама однадвор.
Сепак, јас бев „идејната мајка“ на сето тоа. Како да беше кошмар од кој не можев да се разбудам, иако Хелен и нејзините го нарекуваа сон, Macedonian Dream, велеа. Како да играв шах со себе во кој пионот беше поважен од кралицата. На премиерот автоматски му го кажав името на гратчето во кое се регистрирале мајка ми и татко ми, до селото на баба ми. Гратчето кај што живееја вујко ми и тетка ми, гратче на изумирање како многу други градови во Македонија, ама за мене лично најважното. И во еден миг помислив – што ќе биде со вујко ми и неговото семејство? Дали сè уште ќе продаваат сточна храна? Но кому? Мораа да патуваат низ земјата за да ги продаваат вреќите што им се трупаа, во гратчето веќе не живееја земјоделци кои во ближните села би работеле ниви. Можеби конечно ќе заминат кај синот во Скопје. И што ќе биде со тетка ми, останата сама во големата куќа? Се сеќавам дека, кога ја градеа со тетин ми, баба ми одеше пеш од селото до гратчето за да им однесе на мајсторите зелник во огромна тепсија. „Ох, интересно, ние во кабинетот мислевме на некои други градови, ама ќе ја испочитуваме вашата желба“, рече премиерот. „Само, да знаете, ако сакате да се вратите како градоначалничка на антикомуната, или како ќе се вика, повелете кај нас во партија, локалните избори се следната година, таман за проектот. А, и да не заборавам, ќе ви исплатиме хонорар од средствата што ги добивме за проектот, а не се малку. Само оставете ѝ ги на мојата секретарка вашите податоци – датум на раѓање, број на лична карта, трансакциска сметка, единствен матичен број.“
Го слушав премиерот, а мислев на татко ми. На тоа дека мајка ми, Стефан и Софче биле на гробишта за Задушница, дека мајка ми не викнала поп за да не мора да му плати, дека направила иста таква пита од каква што татко ми речиси се задуши пред да го однесеме во домот. Мислев на тоа што ми го кажа Стефан – дека одејќи накај автомобилот, Софче го прашала дали и мајка ѝ е мртва. Дека бил толку шокиран од прашањето што не ѝ рекол дека мајка ѝ не е мртва туку дека после ќе ѝ каже, кога ќе стигнат дома. И дека е добро што баба ѝ веќе била влезена во автомобилот, па не ги слушнала. А во автомобилот му заѕвонил телефонот и од Геријатрија му рекле дека има слободен кревет за татко ми. Цела година и два месеца по неговата смрт.
Мислев на Софче и на нејзиниот неизбежен пат по кој ќе тртне за да стигне до мајка си, вистински барајќи ја по манастирите, или само во себе, исправена пред ѕидот на молкот. На тоа дека пустелијата на татко ми, со две различни лица, татко ми не ја фати дури беше жив. Ама ја фати умирајќи. А сега прерасна во нешто сосема друго, во стартап на антикомуна за отуѓени луѓе, за која веќе е објавен конкурс и на него наскоро ќе се пријават новите жители. На тоа дека моите научни проекти, толку лични, завршија сосема поинаку од она што го очекував: на кипарското прашање на татко ми не најдов одговор, иако цел живот го барав, иако бев на собирот организиран од „Кипарски одговор“, иако најдов три фотографии во кутијата од пица што Хасан ја донесе во Бристол, иако се вљубив во Хасан и отидов во Вароша, па дури и ја запознав баба ми, на која, пак, не ѝ реков да дојде со мене во Скопје, да го види својот син. А од бабутцата што му ја прати, татко ми не проба ни капка.
Проектот со комуните, пак, што можеше да биде сосема пристојно истражување за тоа зошто се појавуваат и, што е уште поважно, зошто пропаѓаат по извесно време тие намерни заедници во кои луѓето живеат едни со други и едни за други, ја претвори во стартап мојата опсесија со пустелијата на татко ми. Сити Лондон богато ќе го финансира и, парадоксално, со самотијата и отуѓеноста на жителите, ќе го оживее – односно ќе го доумртви, како ќе се земе – гратчето во кое мајка ми и татко ми се регистрирале на крајот на јули во далечната 1974 година. Мислев на себе, на своето место во сето тоа, и на Хасан мислев, дали можеби не треба да се вратам на Кипар, и се видов како поминувам покрај Градскиот музеј и застанувам со зјапнат поглед во паното со натпис „Влезот е бесплатен“. На паното имаше репродукција од „Голиот човек кој виси“ на Банкси. Како пустелијата на татко ми, си реков, со бесплатен влез за секој кој мечтае да ја фати. Како голиот човек кој виси.
Човек да фати пустелија!